Спроводот на Бојан Јовановски од затворот „Скопје” во Шуто Оризари на денешното рочиште за „Рекет“ доцнеше 20 минути, а при влезот во судницата, тој кажа дека бил нападнат.
„Доцниме бидејќи бев нападнат од затворски службеници“, рече Јовановски, обраќајки им се на новинарите при влезот во судницата.
На денешното рочиште треба да бидат пуштена уште една снимка од оние кои осудениот Зоран Милески ги доставил до Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Директорот на затворот „Скопје“, Есад Рахиќ вели дека не верува оти некој го нападнал Јовановски. Тој дополнително треба да провери што се случило, засега е само информиран дека Јовановски одбил да му се стават лисици.
„Утринава сум информиран дека при обидот Јовановски да се спроведе во суд, давал отпор, бил нервозен и не дозволувал да му стават лисици. Треба да проверам, што точно се случило“, вели директорот на затворот, Есад Рахиќ.
Јовановски уште на почетокот од судењето побара збор, но судијката рече дека ќе му даде откако јавноста ќе ја напушти салата.