Османи и Димитров во Париз на средба со Моншален

Од:

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамки на денешната посета на Француската Република остварија средба со Амели де Моншален, Министерка за Европа и претставничка на Република Франција во Европската Унија.

Во фокусот на разговорот беа европските интеграции на Република Северна Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес.

„Навистина претставува охрабрување срдечноста и пријателството со кое сме дочекани во Париз, што недвосмислено говори за пријателските односи кои ги имаме со Француската Република и нејзина искрена поддршка за нашиот напредок во ЕУ. Пораките се јасни: новата методологија претставува добра основа за земјите кои се искрено подготвени за реформски напредок, што е добра вест за граѓаните кои очекуваат резултати, а поголем предизвик за политичарите кои ќе мора повидливо, и транспарентно да ги испорачаат; преземаме дополнителна обврска да продолжиме со испораката на резултати како основа за содржаен и квалитетен извештај на Европска комисија во февруари, потврдувајќи ја нашата определба преку заслуги да го оствариме нашиот напредок во европските интеграции“ – истакна Османи.

МНР Димитров ја подвлече потребата да се дозаврши работата дома во смисла на донесување на Законот за ЈО. На ваков начин ќе се отстрани секаков вид на изговор и подготвени ќе ги пречекаме дискусиите во Советот. Таму, уверени сме дека може да се најде решение врз основа на новата методологија на ЕК. Таа обезбедува посилно политичко управување и вклученост на земјите членки во процесот. Ќе продолжиме решително по реформскиот пат и блиску сме до целта!

Во рамки на посетата ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров претходно остварија средба со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон,и со пратеничката Мариел де Сарнез, која воедно е и претседател на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, а планирано е да се сретнат и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.

Денешната посета на Француската Република на ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров се одвива во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ и партнерите ќе одбележат една година власт пред платото на Владата

ВЛЕН: Следната недела се затвора историска рана, ќе биде донесен законот за правична застапеност на Албанците

Владата ја усвои новата Стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Ребалансот на буџетот треба да биде на владина седница најверојатно во четврток

Повредените и семејствата на починатите во трагедијата во Кочани не се сами, порача Владата