Промовирана публикацијата „Од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“

Од:

„Од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ е насловот на публикацијата што денеска ја промовираше Фондацијата Отворено општество – Македонија“ (ФООМ).

– Најсилниот мотив да пристапиме кон изработка на еден ваков зборник беше за да се обидеме барем делумно да придонесеме кон колективното паметење или да се спротивставиме на заборавот. Во случајов мотивот беше да запишеме за да не заборавиме, за да никогаш повеќе не ни се повтори, рече денеска на промоцијата, извршната директорка на Фондацијата Фани Каранфиловска Пановска.

Публикацијата која е во издание на ФООМ е издадена на три јазици – македонски, албански и англиски јазик. Авторските текстови, како што соопшти Каранфиловска Пановска, се дело на 14 реномирани имиња – новинари, интелектуалци, граѓански активисти, кои се директни сведоци и учесници во тој период.

– Се определивме да поканиме автори да подготоват свои текстови во кои независно и критички ќе ги интерпретираат настаните и феномените што ја одбележаа таа декада и притоа елаборирајќи ги своите ставови и согледувања во комбинација или поткрепени со изјави и интервјуа со трети лица кои најчесто беа директни учесници и двигатели на општествените случувања во тој период и тоа како носители на државни или партиски функции или како претставници на стручната и академската фела, граѓански активсти и во комбинација со посочување на факти кои постојат запишани во некои различни документи, извештаи кои се зачувани во странски и домашни архиви, напорот беше да обезбедиме колку е можно објективен поглед на настаните, рече директорката на Фондацијата.

Таа вели дека концептот на оваа публикација во која авторите се сведоци на тоа време, а текстовите се нивни директни сведоштва, дава малку поинаква димензија од причина што сведоштвата се крајно лична, интимна категорија, што ги прави и да бидат крајно субјективни.

– Зошто токму од Букурешт до Преспа, затоа што тоа е една важна историска отсечка, чии два краја т.е. ниту еден од нив не е еднозначна равенка, барем не од денешна перспектива, додаде Каранфиловска Пановска.

Членот на Управниот одбор на ФООМ Гордан Георгиев смета дека со публикацијата ќе се остави една трага за тоа време.

– „Македонија од Букурешт до Преспа“ е публикација втемелена на сведоштва. Сведоштва за едно време-невреме кое во колективната меморија на нашите граѓани ќе остане запаметено како темно. Тоа се годините кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ и кои, од оваа исклучително кратка историска дистанца, ќе ги запаметиме како „загубено време“. Но, зборникот не трагата на загубеното време. Зборникот е тука за да ја зачува таа деценија во колективната меморија на граѓаните и да остави печат за едно време кое не сакаме никогаш да се врати и повтори, прочита Георгиев од воведот на публикацијата.

Автори на публикацијата се Васко Маглешов, Катерина Блажевска, Љупчо Поповски, Милка Смилевска, Владимир Милчин, Билјана Бејкова, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Сашка Цветковска, Менче Атанасова-Точи, Дејан Азески, Гордана Дувњак, Искра Новаковска и Назим Рашиди.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска