Неизвесно е дали Бојан Јовановски – Боки 13 ќе се појави на денешното рочиште за „Рекет“, поради влошена здравствена состојба. Судијката Васка Николовска Масевска рече дека тој е на преглед, по што ќе се знае дали е способен да го следи денешното судење.
На денешното рочиште треба да продолжи презентацијата на доказите односно пораките од телефонот на Јовановски, овојпат меѓу него и братот на судијката Весна Димишкова, Васил Димишков.
На претходното рочиште беа презентирани снимките од домот на сведокот, бизнисменот Орце Камчев, кога тој им дава еден милион евра на Јовановски и Зоран Милески Кичеец. Пред јавноста беа презентирани и пораки меѓу Јовановски и Фросина Ременски од СДСМ.
Во случајот Рекет првообвинет е Јовановски, а второобвинета е ексшефицата на СЈО Катица Јанева, за изнуда на пари од бизнисменот Камчев, со цел да биде олеснета неговата положба во случајот Империја каде што тој е осомничен.