„Организацијата и самиот чин на одржување на наредните парламентарни избори, конечно после 30 години од нашата независност треба да ја легитимираат Северна Македонија како европска држава. Не само заради потврда на нашиот статус-членка на НАТО и за добивање на датум за почеток на преговорите за полноправно членство на ЕУ, туку и пред се поради фактот што изборите се вистинското и најдобро мерило за нивото на демократските процеси и цивилизацискиот дострел на еден народ и една држава“, истакна претседателот на НСДП, Тито Петковски во своето вчерашно обраќање пред делегатите на изборната конференција за избор на нови органи на општинската организација во Гостивар.
Тој истакна дека и по 30 година Северна Македонија никако да застане на здрави нозе како стабилна и перспективна држава, во која граѓаните ја гледаат својата и иднината на своите деца.
„Тоа може да го обезбеди само демократскиот систем на заемна контрола, како единствен спас на граѓаните од штетата што ја прават партиите и политичарите. Тие сериозно треба да го сменат својот модел на политичко делување и да го насочат кон многу повисоко ниво на соработка и меѓусебна доверба, како основен предуслов за изградба на демократски систем во државата“, рече Петковски.
Претседателот на партијата во своето обраќање оцени дека анимозитетот, конфликтноста и судирот помеѓу водствата на партиите, желабата за заемно уништување, штети на националните интереси на државата и не е добра школа за демократијата.
„Тој пат води само до нова политичка криза и оддалечување на државата од стратешките интереси на граѓаните. Некои од политичарите можеби и ќе си ја добијат заслужената казна – политички на изборите, но и кривично пред судовите, но граѓаните и државата не смеат да бидат колатерална штета од нивната безпоштедна борба во битката за освојување на власта“, истакна Петковски и надополни дека деновиве во Северна Македонија се случува последната офанзива за спасување на криминалците и злосторничките здруженија од врвот на политиката и центрите на моќ.
„Криминалците, удобно сместени во партискиот врв на една партија, токму на овие избори ја гледаат големата шанса да се спасат, тие самите, нивните соучесници и помагачи против кои се водат бескрајно долги судски постапки, притоа спроведувајќи до сега незабележана опструкција при донесувањето на законите кои ја доведуваат во прашање нивната слобода и нивното баснословно богатство“, рече претседателот на НСДП пред делегатите на изборната конференција во Гостивар, притоа порачувајќи дека мора да бидеме свесни за опасноста од реставрација на режимот на Груевски.
„Нивната евентуална победа, едновремено ќе означи и најголем пораз за Северна Македонија. Сите оние што на денот на изборите ќе си седат дома или пак ќе се поведат по нивниот лажен патриотизам, реално ќе бидат соучесници во тој македонски пораз. Мора да направиме се, тој лажен патриотизам, примитивен патриотизам финансиран од домашни и странски медиуми, луѓето да го препознаат. Да им помогнеме на граѓаните кај нив да не преовлада разочарувањето и лутината како резултат на неостварени ветувања од страна на актуелната власт“, рече Петковски.
За претседател на општинската организација на НСДП во Гостивар е избран Тони Ефремоски, со изборот и на нови членови на Извршниот и Надзорниот одбор на партија се комплетираше локалното раководство кое ќе раководи со општинската организација во наредните четири години.