На неколку дена пред распуштање на овој состав, во Собранието се одржа конференција на која главната порака до идните пратеници е поголема транспаретност и отчетност.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната конференција „Транспарентноста на Собранието-предизвици за новиот парламентарен состав“ во организација на МОСТ и со поддршна на Британската амбасада, нагласи дека во изминатите три и пол години на функционирање на овој парламентарен состав постигнато е многу на полето на независно, транспарентно, отворено и достапно Собрание.
-Се насочив кон воспоставување и одржување продуктивна комуникација со сите претставници на народот, власт и опозиција, или подигнување на културата на дијалогот затоа што само така можеме да имаме вистински продуктивно и функционално Собрание во чија работа ќе имаат полза токму тие, граѓаните. И тоа беше валоризирано од ЕК во последниот Извештај за напредокот на земјата, во делот за Собрание, каде беше нотирано дека сме единствено функционално собрание во регионот, мислејќи се разбира на присуството и учеството на опозицијата во работата на законодавниот дом, не само поради форма, туку продуктивно придонесувајќи во правење квалитетни реформи во најчувствителните свфери од општественото живеење, рече Џафери.
Изрази благодарност до сите пратеници кои активно се вклучиле и давале поддршка на стартешките цели зацртани од независноста на земјата, односно, како што рече, полноправното членство во НАТО и ЕУ.
-Благодарение на политичката зрелост и мудрост, денес можеме да кажеме дека НАТО е остварен сон, а членството во Унијата, по усвојувањето на новообјавената Методолгија, и по јавно искажаната поддршка од ЕП, односно усвоената Резолуција по несреќната октомвриска одлука и Заедничката декларација усвоена на Самитот на претседатели на парламенти на Западен Балкан во Брисел, може исто така набрзо да стане реалност, во март или најдоцна во мај во Загреб, рече Џафери.
Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Доминик Отвеј посочи дека Обединетото Кралство било и е посветено да и помага на нашата држава. Тој порача дека Собранието треба да биде потранспратено, поофицијално, и поотчетно.
-Пратениците се претставници на граѓаните и затоа мора да постапувате со најголемо ниво на посветеност кога ги застапувате граѓаните и ги штитите нивните интереси. Собранието е одговорно пред граѓаните, рече Отвеј.
Извршниот директор на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов посочи дека препораките на МОСТ до Парламентот се да се пропише рок за усвојување на записниците од седниците на собраниските комисии, комисите да ги објавуваат сите извештаи од точките на дневен ред, особено оние кога се расправа за извештаите од институциите што ги има формирано Собранието, да се овозможат услови за подготовка на стенографски белешки од комисиските седници, кои би се објавувале на веб, како што тоа во моментов е уредено за собраниските седници, новата веб-страница на Собранието да биде во согласност со најновите информатички стандарди, да биде полесна за користење и да ги содржи сите потребни информации, вклучувајќи ги и снимките од собраниските седници.
Генералната секретар на Собранието Цветанка Иванова одговарајќи за патните трошоци и патувањата надвор од државата, рече дека патните трошоци се уредени со закон и со подзаконски акти, и оти Собранието постапува по нив.
-До денеска никој не утврдил злоупотреба на патните трошоци и тоа е право на пратениците. Исто и за патувањата во странство. Во врска со пристапноста до информации, јас откако сум генерал секретар на Собранието не знам колку барања сум добила за пристап до информации на оваа тема и сите барања се одговорени протно. Ниту има некој намера да крие ниту има потреба зошто да се кријат, рече Иванова.
Таа смета дека финансиската транспаретност на Собранието е добра, но оти се уште треба да се подобрува.
– Дел од оваа причина за недоволна финансиска транспаретност е недоволна техничка подготвеност односно толкав е капацитетот на веб страната и затоа прв приоритет откако го потпишавме овој финансиски документ вчера е нова веб страница на која ќе може да се објави се што се случува во Парламентот, рече Иавнова.
На Конференцијата присуствуваа пратеници и претставници на НВО секторот.

