Германската амбасадорка во Албанија, Карол Холткемпер, за време на денешниот престој во јужниот албански град Ѓирокастро, изјави дека Албанија се уште нема правна држава, што е клучна точка од критериумите на ЕУ.
Запрашана за предизборната ситуација во земјата, таа одговори дека се уште има тензични ситуации, упатувајќи апел до страните да ги презентираат своите програми за доброто на земјата, јави дописникот на МИА од Тирана.
Таа даде свое мислење и околу предлогот на премиерот Сали Бериша да се намали старосната граница за право на глас, од 18 на 16 години.
– Не гледам никаков проблем да се гласа со наполнети 16 години, зашто секое општество има право на промена на Уставот, но за Албанија е многу доцна да ја направи ова измена, бидејќи изборите се на 23 јуни, изјавила Холткемпер.
Идентичен став околу предлогот на Бериша, да се даде можност да се гласа со наполнети 16 години, деновиве искажа и американскиот амбасадор Александер Арвизу.
На германската амбасадорка во Ѓирокастро и било врачено признанието „Почесен граѓанин“.