Машинскиот персонал во Железници Транспорт изутринава од седум часот ја бојкотира работата, поради што ќе биде во прекин патничкиот и товарниот железнички сообраќај, изјави за МИА Душко Чакаровски, претставник на вработените.
Тој информира дека изутрината заминале патничките возови за Битола и за Гевгелија, а останатите предвидени со возниот ред нема да сообраќаат до исполнување на нивното барање за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет. Тоа, како што појаснува Чакаровски, го бараат врз основа на Колективниот договор за дополнителна работа и работење со намален број на извршен персонал.
Чакаровски вели дека за нивното барање вчера имале средба со членовите на Управниот одбор на Железници Транспорт и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, но не бил постигнат договор со образложение дека евентуалната исплата на повисок надомст ќе се одрази на редовната исплата на платите.
Надомест на плата за квалитет во износ од 40 проценти на машинскиот персонал му бил исплаќан до пред антикризните мерки во 2008 година.
Чакаровски потенцира дека зад организацијата на бојкотот на работата не стои ниту една синдикална организација, односно дека се вклучени 99 проценти од машинскиот персонал од различни синдикати, но и работници кои не членуваат во синдикатите.