Српската вицепремиерка за евроинтеграции Сузана Грубјешиќ изјави дека најавената заедница на српските општини во Косово мора да има прецизни извршни надлежности, а Белград во преговорите со Приштина ќе биде конструктивен се додека постои шанса за постигнување договор.
– Ние започнавме преговори со цел да се постигне договор кој е одржлив и кој може да се спроведе. Затоа се додека постои шанса за такво нешто, ќе бидеме конструктивни и флексибилни. Доколку и Приштина се однесува на ист начин како Белград, верувам дека на 2 април ќе се постигне договор, истакна Грубјешиќ во интервју за весникот „Вечерње Новости“.
На прашањето каков е ставот на државниот врв и дали Србија ќе биде подготвена за нови отстапки во врска со најважното барање српската заедница да управува со судството, полицијата и просторното планирање, Грубјешиќ одговори дека заедницата на српски општини мора да има прецизни извршни надлежности, инаку воопшто нема смисла да се формира таква заедница.
– Ние не бараме ништо што не е во согласност со европските принципи за децентрализација, нагласи српската вицепремиерка.
Таа додаде и дека добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ исклучително зависи од резултатот од дијалогот со Приштина, оценувајќи дека граѓаните на Србија заслужиле датум.
Запрашана дали постои опасност од трајно замрзнување на евроинтеграцискиот процес и дијалогот со Приштина, Грубјешиќ истакна дека тоа би било лошо сценарио за Србија.