Ако се оствари планот на градските власти, Париз за неколку година може да стане европската метропола која, покрај бројните историски и други знаменитости, на туристите ќе им нуди и можност да скијаат.
Имено, градските власти планираат до 2020 година на север од Париз да изградат огромен рекреативно-комерцијален комплекс во кој, покрај трговски центри и културни соддржини, ќе има и неколку скијачки патеки.
Според пишувањето на весникот „Монд“, овој „храм на забавата“ ќе се наоѓа на дофат на аеродромот „Роаси Шарл де Гол“, а неговата цел ќе биде да го надмине бројот на посетители на „Дизниленд“.
Затворениот скијачки парк е дел од проектот „Еуропа Сити“ зад кој стои групацијата „Ошан“, која очекува 30 милиони посетители годишно, што е двојно повеќе од тематскиот парк на „Дизни“ кој во моментов важи за најпосетена туристичка атракција во Европа.
Комплексот „Еуропа Сити“ ќе има повеќе од 230.000 квадратни метри комерцијален простор, 2.700 хотелски соби, неколку кино и концертни сали, циркус, забавен парк, аквапарк, спа центри и скијачки патеки. Ќе има 20.000 вработени и посебна метро станица.
Проектот, околу кој се натпреваруваат неколку архитектонски бироа, наидува и на силни отпори, особено од здруженија на земјодлеците чии имоти, во случај на конкретизација на оваа мегаломанска идеја, можат да бидат загрозени.