Шефот на делегацијата на ЕУ во С.Македонија Самуел Жбогар заедно со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ престојуваа во посета на Општина Кичево, каде во придружба на домаќинот, градоначалникот Фатмир Дехари, извршија увид на работите за реконструкцијата на Парк шумата во центарот на Кичево „Китино – кале”.
Поектот се реализира со средства од ИПА-2 фондовите на ЕУ менаџирани од Светската банка, а дел односно околу 10 проценти ќе бидат покриени од буџетот на Општината Кичево.
Вредноста на инфраструктурниот проект е околу 660.000 евра.
По реконструкцијата се очекува парк шумата Китино – кале да стане вистинска атракција за сите граѓани на Кичево, но и пошироко, а содржините кои се предвидени се изградба на Младински културен центар, нови патеки и ново осветлување, како и хортикултурно уредување.
По обиколката на градежните работи амбасадорот Жбогар рече дека е среќен што денеска заедно со Дехари се во обиколка на работите на овој објект кој се реконструира со средства на ЕУ, а кој ќе придонесе за развојот на туризмот и културата во овој крај.
Жбогар додаде дека имал пријатен разговор и со младите кои учат во двете средни училишта сместени во една зграда.
Денеска покажавме дека ние не само што проектираме туку и реализираме идеи за проекти за да ги задржиме младите да живеат овде во вашата општина, рече Жбогар кој изрази надеж дека во објектот наскоро ќе се прикажуваат и филмови од европските земји.
Амбасадорката на Хрватска Нивес Тигањ рече дека е воодушевена од природата на овој крај.
Се надевам дека по завршувањето на овој културен објект ќе можеме набргу да ја промовираме и хрватската култура во оваа средина, рече амбасадорката Тигањ.
Градоначалникот Дехари заблагодарувајќи се за помошта од името на сите граѓани на Општина Кичево рече дека се надева дека добрата соработка со финансиските институции на ЕУ ќе продолжи и во нарадниот период.
Најавени дека овој културен објект во срцето на градот Кичево треба да биде пуштен во употреба кон крајот на јуни, годинава.