Еден од најдобрите актери на американската филмска сцена, Том Хенкс во неговата најнова улога го игра познатиот водител на емисијата „Убавиот ден во соседството“, Фред Роџерс.
Започнува популарната шпица со истоимената песна компонирана од водителот на емисијата. Вратата се отвара во една традиционална куќа, декорирана со најразлични елементи со топли бои. Влегува, Фред Роџерс, го враќа својот мантил во гардероберот и започнува со мил тон да ја пее неговата секојдневна песна „Навистина е убав овој ден во соседството, убав е денот за соседството, би сакал да бидеш/ би можел да бидеш мој сосед, здраво соседу!“.
Филмот е приказ на Роџеровата емисија која се емитувала од 1968 до 2001 година. Во периодот, водителот станал еден од најдобрите спиритуални ликови на тв сцената. Иако емисијата била првично наменета за децата, со неговата мекост и отвореност го привлекувал вниманието на целата американска јавност и предизвикал позитивни реакции.
Филмската критика вели дека не постоел подобар актер од Том Хенкс кој би го доловил ликот и карактерот на водителот Фред Роџерс. И во тоа режисерката Мареиел Хелер навистина успеала.
Филмот има висок рејтинг според сите филмски критики, номиниран е за повеќе престижни награди меѓу кои од „Golden Globe Awards“ и „Academy Awards“ за најдобра споредна улога.