Обвинителката Лиле Стефанова на денешното сведочење за случајот „Рекет“ рече дека ексшефицата на СЈО Катица Јанева телефонски и се заканувала дека ќе и прати дома новинари, и и забранувала да ги коментира снимките објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“.
„Последно нешто што направи е ургенцијата да му се одмрзне имотот на Панделески. Се однесуваше како да е негов адвокат!“, рече таа, додавајќи дека после тоа Јанева дала оставка и оттогаш се немаат сретнато.
„Еднаш ми се јави и рече дека треба да ги закопаме секирите, да ја смириме топката, но тогаш веќе се беше завршено”, рече Стефанова.
Таа вели дека Јанева секогаш повеќе ургирала за Панделески отколку за Камчев.
„Бојан Јовановски не го познавам лично. Ми кажуваа само дека си доаѓа во СЈО, дека колата си ја паркира на нашиот паркинг, дека не му се врши претрес на влезот, но тоа само го слушав од други“, рече таа.
Во моментов почнува вкрстеното испитување на обвинителката Лиле Стефанова како сведок за случајот “Рекет”.
Најголемо изненадување во судницата настана кога адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски ја праша Стефанова кои биле емисарите преку кои ургирал Камчев и која судијка била меѓу нив.
На ова, Стефанова одговори дека судијката Добрила Кацарска била присутна од рано утрото до доцна вечерта кога се одлучувало за притворот на бизнисменот Камчев, иако не била судија на претходна постапка во предметот.