Локалните избори во Македонија беа конкурентни и ефикасно спроведени. Денот на изборите беше мирен иако беа забележани некои процедурални нерегуалности, вклучително и случаи на групно гласање, оценуваат во прелиминарниот извештај набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.
– Изборите им дадоа можност на кандидатите да водат слободна изборна кампања и самата кампања беше многу активна. Во исто време нашата мисија доби веродостојни обвинувања за заплашување на гласачите и злоупотреба на државни ресурси во текот на кампањата, вели амбасадорот Герт Аренс, шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
Со неколку исклучоци, на избирачките места посетени од страна на набљудувачите изборите се одвивале мирно без поголеми инциденти.
Набљудувачите забележуваат на „партиски наклонето медиумско покривање и мешање на државни со партиски активности, што секогаш не обезбедувало изедначен натпревар“. – Постои загриженост за состојбата поврзана со медиумите не само во однос на овие избори туку и во поширок контекст. Плуралистички медиуми и новинари кои ја исполуваат нивната функција во општеството се од големо значење за една демократија, оценуваат ОБСЕ/ОДИХР и СЕ.
Изборното законодавство е сеопфатно иако е потребна натамошна реформа со цел да се подобри Изборниот законик. ДИК работеше ефикасно и транспарентно и ги исполни изборните рокови, но некогаш гласаше по партиска или етничка линија што имаше негативно влијание врз нејзината непристрасност и колегијалност. Отстранувањето на околу 119 илјади граѓани од Избирачкиот список пред изборите поради немање биометриски документи беше поддржано од сите големи партии. Иако постоеше зголемена доверба во точноста на листите имаше жалби, вклучително и на денот на изборите. Неопходно е подобрување на процедурите за составување и одржување на Избирачкиот список, се вели во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР и СЕ.