Околу 500 верници, најголем дел македонски иселеници во Словенија скокнаа по светиот крст во Копер. Меѓу верниците кои влегоа во студените води на Јадранското Море имаше и три жени.
Граѓаните прво се собраа во и пред храмот „Богојавление Водици” каде што се одржа света литургија по повод големиот христијански празник.
Самиот чин на спуштање на крстот во вода се одржа на најголемата градска плажа во Копер, а го фати триесет годишниот Стефан. Среќниот Стефан доби честитки и од амбасадорката на Македонија во Словенија Сузана Зеленковска, која дојде во Копер да го проследи обележувањето на христијанскиот празник.
Празнувањето на Водици беше организирано од повеќе здруженија на Македонците во Словенија и црковната општина при МПЦ. Освен Македонците, по светиот крст во вода влегоа и повеќе православни верници од Србија и Црна Гора.