Осум дена притвор за заканувачот Емил Јакимовски

Од:

Судија на претходна постапка попладневно му одреди осумдневен притвор на Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар.

„Осумдневниот притвор му е одреден затоа што станува збор за скратена постапка, а исполнети се условите за опасност од бегство, бидејќи станува збор за дела против јавниот ред и моралот“, информираат од Кривичниот суд.

Јакимовски на ова има право на жалба до кривичниот совет на истиот суд.

Обвинителството утринава поведе постапка за загрозување на сигурноста при семејно насилство и по пат на информатички систем како и за непочитување судска наредба.

Обвинителството проценило, а Кривичниот суд прифатил дека постои основ Јакимовски да избега, па тој ќе биде пренесен во Истражниот затвор во Шуто Оризари.

Тој беше уапсен вчера и помина речиси 20 часа во полициска станица, по серијата вербални напади и деноноќно вознемирување на новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, а и по пријава за семејно насилство.

„Од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, денеска се поднесени две кривични пријави против лицето Е.Ј.. Едната е за загрозување на сигурноста по член 144 став 2 од КЗ и неизвршување на судска одлука по член 377 став 5 од КЗ. Другата кривична пријава е исто така за сторени две кривични дела, загрозување на сигурноста по член 144 став 4 од КЗ“, информираа од МВР.

По овие пријави, и други лица излегоа во јавност тврдејќи дека биле навредувани од страна на истото лице. Меѓу нив беше и директорката на Централниот регистар Марија Бошковска – Јанковски, која рече дека многу пати поднесувала поплаки до полицијата и се жалела дека е вознемирувана.

Минатата недела, Јакимовски доби отказ од Централниот регистар поради непочитување на колективниот договор и спорно боледување. Во меѓувреме, фан страницата на регистарот, која пред 10 години била отворена од Јакимовски, беше хакирана и беа постирани недолични постови. Бошковска – Јанковски претпоставува дека тие постови биле објавувани од Јакимовски.

Емил Јакимовски беше и активист на ВМРО-ДПМНЕ, а кон почетокот на месецов наводно бил исклучен од партијата. Тој раководеше и со неколку веб – портали.

За Јакимовски веќе има една судска пресуда за семејно насилство од март минатата година. Тој е условно осуден – ќе треба да одлежи една година затвор, доколку во наредните три години го повтори делото.

Би можело да ве интересира

Насилници во Ѓорче Петров истепале маж, жена и нејзиниот свекор

Горан Наумовски

Скопјанец сакал да ја истепа својата мајка, а потоа го нападнал нејзиниот партнер

Лице од велешко село пријавило измама од 251.110 денари

Двајца напаѓачи претепале Индиец во Загреб, има тешки повреди

Семејно насилство во Скопје: Син ја истепал својата 68-годишна мајка

Млад штипјанец му се заканувал на својот татко и искршил влезна врата