Претставничкиот дом на САД денеска треба да донесе одлука за испраќање во Сенатот обвиненијата за импичмент на претседателот Доналд Трамп. Истовремено, истражителите во Претставничкиот дом испратија нови документи до надлежните комисии.
Објавените докази, дел од многу поголем збир на документи кои треба да се откријат подоцна во очекуваната втора фаза од процесот за импичментот на Трамп која треба да почне идната недела во Сенатот, се од Лев Парнас
Според очекувањата, Парнас, украински милијардер и близок соработник на личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, треба да биде еден од сведоците во процесот.
Документите, кои содржат рачно напишани забелешки, електронски пораки и телефонски разговори, обезбедуваат нови детали за барањето на Трамп од Украина да отвори истрага за политички ривали, откако претседателот ја повлече воената помош за државата.
Улогата на украинско-еврејскиот магнат била посредништво меѓу украинскиот претседател и луѓето на Трамп за реализација на неговите барања.
Парнас, заедно со уште еден украински бизнисмен, Игор Фруман, лани во октомври беа задржани од американските власти во аеродромот „Далас“ во Вашингтон, поради наводни нелегални трансфери на пари во американски избори. Пред суд во Менхетн тие подоцна изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Од некои од забелешките и пораките објавени синоќа од Конгресот, се дознава како неофицијални лица поврзани со Џулијани ја следеле Мари Јованович, поранешна амбасадорка на САД во Киев, за која Трамп барал да биде сменета поради нејзиното влијание во борбата против корупцијата во Украина.
Лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел, ја одбива идејата да се повикаат сведоци на сослушувањето, велејќи дека конечната одлука за тоа ќе се случи подоцна во процесот.
Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом, денес се очекува да ги именува и новите менаџери за импичмент, меѓу кои најевројатно ќе се најдат претседавачот со Комисијата за разузнавање Адам Шиф и претседавачот со Законодавната комисија Џеролд Надлер.