Сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – тоа да биде санкционирано, апелираат од Министерството за правда откако претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев побара од Адвотатската комора, МВР и Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон судот и судијата – поротник, во однос на изјавите на дел од адвокатите во предметот на јавноста познат како „ТНТ“.
-Министерството за правда во изминатиов период работеше на усогласување на законската рамка за независно, непристрасно и ефикасно судство. Очекуваме сите фактори во сферата на правосудството, судовите, Судскиот совет, Адвокатската комора, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, да работат согласно законите со цел да се врати довербата во правосудниот систем, се наведува во реакцијата од Министерството за правда.
Единствено судски постапки, како што посочуваат од Министерството, кои се водат во разумен рок со почитување на правата на обвинетите, судски постапки во кои не се злоупотребуваат процесни права и судски постапки во кои судиите судат врз основа на утврдени докази, а не под притисок на кој било може да резултираат со судски одлуки кои ќе бидат основа на градење на систем заснован на правда.
-Од тие причини, апелираме сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите, да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – истото да биде санкционирано. Министерството за правда досега не коментираше актуелни судски постапки и останува на тој став, почитувајќи го принципот на немешање на извршната во судската власт, стои во реакцијата од Министерството за правда.