Адвокатот Сашо Дуковски кој го застапува Бојан Јовановски во „Рекет“, посочи дека притисоци и закани доаѓаат преку посредници. Тој кажа дека заканите се порачани од високи претставници во државава, но не посочи дали се политичари.
„Секојдневно има закани и притисоци. Во овој момент не би кажал од кого се но има закани, дали ќе збори или нема да збори. Од надворешни лица, не е херметички затворен затворот ‘Скопје’ и тој многу добро знае од кого и како добива. Овој процес е најмалку правен процес, туку е политички процес. Луѓето се од висока позиција и од секакво милје во оваа наша убава држава. Преку посредници а некогаш и директно доаѓаат заканите. Не можам да коментирам дали се политичари“, рече Дуковски.
Адвокатот се жалеше и бидејќи Јовановски е единствено притворени лице од случајот „Рекет“. Тој кажа дека треба да се смали мерката за да може да се подготвува квалитетна одбрана.
„Морам да укажам и да ја информирам јавноста дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. Јовановски има нееднаква положба со другите учесници во овој кривично правен настан. Сметам дека притворот треба да се смали на најблага можна мерка. Секое месечно продолжување на притворот е со исти и еднакви образложенија. Човекот се наоѓа во животно загрозувачка состојба“, рече Дуковски.