Европа во 2020 година ја чека политички пекол

Од:

Си-ен-ен, Атланта

Брегзит за Европската Унија претставува голема главоболка откако Велика Британија пред повеќе од три години гласаше за излегување од Унијата. На Велика Британија за Брегзит ѝ требаше нешто подолго отколку што планираше – точно 1.274 дена, три одложувања и две излегувања на парламентарни избори.

Си-ен-ен во својата анализа пишува дека додека Брисел сета своја дипломатска енергија ја трошеше на проблемот наречен Брегзит, тој занемари бројни проблеми од другите земји членки. А тие проблеми претставуваат поголема долгорочна закана за опстанокот на европскиот проект, отколку што Брегзит кога било можеше да претставува.

Бидејќи ЕУ, пред сè, ја поткопуваат нејзините членки кои ги игнорираат европските закони, отстапуваат од високите европски стандарди за човекови права и во лице му се смеат на слободното изразување, оценува аналитичарот на Си-ен-ен, Лук Мекгри.

Може ли ЕУ да исфрли земја членка што ги крши законите?

Најновиот пример доаѓа од Полска, каде што Врховниот суд беше присилен да ја предупреди владејачката Партија на правдата и правото дека правосудните реформи што сака да ги воведе можат толку драстично да ги прекршат европските закони што Полска може да биде исфрлена од ЕУ.

Секако, тоа е повеќе драматизирање отколку реално предводување, бидејќи Брисел практично нема начин да исфрли една своја членка. Навистина, точно е дека предложените реформи, што на Владата би ѝ овозможиле да ги казнува судиите заради политички ангажман, го игнорираа барањето на ЕУ за независноста на судовите од Владата.

Во моментов сè што Брисел може да направи е да го суспендира правото на гласање на државата членка во Европскиот совет и во другите институции, во согласност со член 7 од договорот за ЕУ, во случај да се утврди дека една членка ги прекршува темелните начела на ЕУ, тоа го може само во случај сите останати земји членки едногласно да донесат таква одлука. А во практиката, шансите за тоа се нула.

ЕУ веќе отвори процедура против Полска според членот 7 и, пред тоа, против Унгарија, но оваа иницијатива засега не даде никаков резултат.

Членот 7 не функционира бидејќи „деликвентните членки“ се штитат

„Членот 7 никогаш не бил димензиониран за да се занимава со ситуација во која постои повеќе од една деликвентна држава“, за Си-ен-ен коментира Ронан Мекгри, професор по европско право на Универзитетскиот колеџ Лондон.

Во моментов неколку такви „деликвентни држави“ создаваат раздор во Унијата. Унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе сугерираше дека вложил вето против суспензијата на Полска. Унгарија, секако, ја очекува истата поддршка од полскиот претседател Анджеј Дуда. Самиот Орбан во своето деветгодишно владеење ги предводеше нападите врз унгарското правосудство, академската заедница, централната банка и медиумите, а сето тоа под агендата на „неолибералната демократија“.

И на последните европски избори во мај главните проевропски блокови на левиот и десниот центар за првпат го изгубија мнозинството, а десните популисти и евроскептици, иако не оствариле резултат каков што очекуваа, станаа сериозна сила во ЕП.

Сојузот на европските националисти, од оние полските и унгарските до германските, австриските, француските и италијанските, не е од вчера. Претседателката на Националниот собир (поранешниот национачен фронт) Марин Ле Пен лани најави дека Европа се наоѓа на „историска пресвртница“ и дека „дивата глобализација се движи кон својот крај“. Главниот замав на десните популисти, освен несогласувањата со Брисел за европските вредности, е мигрантската криза за која Брисел сака да се решава заеднички, додека земјите како Унгарија за тоа не сакаат ни да слушнат.

Планот на десните популисти е да ја „уништат Европа“

Во голем истражувачки напис во мај германски „Шпигел“ предупреди на планот на овие десни популисти, од Орбан и Ле Пен до претседателот на италијанската Лига, Матео Салвини, да ја „уништат Европа“ и тоа однатре, од нејзините институции.
Истовремено, скандалот со претседателот на Слободарската партија на Австрија, Хајнц Кристијан Штрахе, и неговите договори со руски олигарх што доведе до распад на австриската Влада покажа колку националистите во суштина се наклонети да сплеткарат со странски и непријателски настроени земји, како што е Русија, и сето тоа во време кога се повикуваат на „суверенизам“ и викаат против „однародениот“ Брисел.

Европскиот парламент, инаку, и против Малта изгласа резолуција со која бара оставка од премиерот Јосеф Мускат, кого сериозно го обвинува за поврзаност со убиството на истражувачката новинарка Дафне Куруана Галиција.

„Настаните на Малта во последните години доведоа до сериозни и трајни закани за владеењето на правото, демократијата и темелните права“, порача ЕП, поздравувајќи го предупредувањето на Европската комисија дека и против Малта може да се отвори постапка според членот 7.

И Хрватска под критика за поткопување на европските вредности околу слободата на медиумите

Хрватската Влада, исто така, се најде под притисок, пишува Си-ен-ен, бидејќи не ги реформирала постојните закони за да ги заштити новинарите, кои заради извршување на својата работа добиваат тужби. Слични критики околу слободата на медиумите ЕУ им упати и на Грција и на Бугарија. Во моментов Европа жестоко чекори кон криза на меѓусебната доверба во заедничките вредности и закони. А довербата е веројатно централниот столб на европското единство и стабилност.

Кога ќе се спомене Хрватска, секако, мора да се спомене и цела серија обвинувања дека хрватската полиција тепа, малтретира, граба и илегално враќа мигранти кои ги фаќа дека илегално влегле во земјата. И овој месец германскиот европратеник на Зелените, Ерик Маркард, ги обвини хрватските полицајци дека „кон луѓето се однесуваат како кон мравки“ и констатира дека мигрантите „на надворешната граница на ЕУ се наоѓаат во животна опасност“. Но, за разлика од слободата на медиумите и другите европски вредности, впечатливо е отсуството на реакција на Европската комисија во овој случај.

ЕУ може да биде урната од одбивањето на членките да ги почитуваат европските закони

Главниот проблем е што членките на ЕУ ги надгледува Европскиот суд, па се очекува дека националните судови ќе го почитуваат европското право.

„Мрежата на правила по кои државите членки автоматски ги признаваат одлуките на другите членки се заканува со поткопување на владеењето на правото. ЕУ е всушност мала бирократија и во многу нешта зависи од националните судии и државни службеници кои ги спроведуваат законите“, истакнува Мекгри.

Слично мисли и Чарлс Крафорд, поранешен британски амбасадор во Полска.

„Што може да ја урне Унијата? Нема да ја урнат самите држави членки кои еден ден ќе се состанат и ќе кажат дека е сè готово. Тоа што може да го придвижи колапсот на ЕУ се оние држави што порачуваат: ние всушност веќе не го прифаќаме приматот на законите на ЕУ“, рече Крафорд.

Морков или стап

Европа треба итно да дејствува доколку сака да опстане. Прашањето е само како ќе ги поврати единството и довербата, со помош на морков или стап. Освен членот 7, ЕУ може да одреди колкав дел од буџетот ќе прими државата членка во согласност со своето однесување. А на нациите, како што се Полска и Унгарија, сигурно им требаат тие пари. Затоа се поставува прашањето колку Европската Унија е подготвена, со цел на самозачувување, да почне да посериозно да се меша во домашната политика на државите членки.

„Ова е многу поголема закана кон ЕУ отколку Брегзит. Брегзит дури може и да ја засили Унијата, рече Мекгри.

Би можело да ве интересира

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Трамп: Европа ќе плати висока цена за недоволниот увоз на производи од САД

ВМРО-ДПМНЕ: СДС на патот на Македонија кон Брисел испорача само селфи и лаги

Едно од најголемите вселенски летала на НАСА тргнува на патување од 2,9 милијарди километри

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Во Европа беснеат поплави: Во Романија има мртви, во Чешка евакуирани стотина граѓани