Кипарските банки не можат долго да останат затворени, затоа што во спротивно економијата на Кипар ќе биде уништена. Решение мора да се најде во наредните неколку часа, или Грција ќе го направи она што треба да направи, изјави синоќа грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас.
Обраќајќи се на заеднички состанок на парламентарните комисии за европски и економски прашања, Стурнарас рече дека доколку Кипар не успее веднаш да презентира алтернативен план за отворање на своите банки во Грција, Атина има план Б кој се уште не може да го открие.
– Ефектите врз Грција се минимизирани. Ние ги преземавме нашите мерки, рече Стурнарас. Министерот за финансии го бранеше неговиот став во врска со кипарското прашање за време на состанокот на Еврогрупата минатата недела, велејќи дека одлуката беше едногласна.
– Кипарските власти учествуваа во одлуката откако консултациите со Анастасиадес го надминаа првичниот ќор-сокак во преговорите. Други консултации имаше и со кипарскиот министер за финансии Михалис Сарис кои резултираа со компромисен предлог. Не е разговарано за друго решение, изјави Стурнарас пред парламентарните комисии.
Тој нагласи дека Кипар донесе одлука која грчките власти ја поддржаа. Според него, Кипар се соочува со тешкотии поврзани со претерано надуен банкарски систем.
Поради тоа се разгледани и „други алтернативни сценарија и сите се фокусирани на банкарските депозити“.
– Кипарската економија е многу мала во споредба со нејзиниот банкарски систем, и сите други мерки понудија несоодветни резултати, рече Стурнарас. Тој ја истакна потребата Кипар да најде 17 милијарди евра за рекапитализација на банките, и рече дека секое задолжување над 10 милијарди евра ќе го направи јавниот долг на земјата неодржлив.