Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ ќе одржи концерт насловен „Фантазија за еден џентлмен“ под диригетство на Саша Николовски-Ѓумар, а на кој како солист ќе настапи гитаристот Горан Кривокапиќ.
Кривокапиќ, кој е еден од најуспешните гитаристи од помладата генерација победник на бројни меѓународни натпревари и ексклузивец на дискографската куќа „Наксос“ премиерно во Македонија ќе го изведе концертот за гитара и оркестар од Хоакин Родриго насловен „Фантазија за еден џентлмен“.
На концертот, кој го одбележуваат три спектакуларни македонски премиери, ќе прозвучат и прекрасната оркестарска свита „Шпанија“ од Исак Албениц оркестирана од Рафаел Фрубек де Бургос, како и исклучително енергичниот и добро познат „Данцон“ бр.2 од Артуро Маркез кој на македонскиот концертен подиум ќе ги донесе жешките латино ритми проткаени низ оркестарот.