„Вчера бевме сведоци на момент во политичката историја на Македонија, кој дефинитивно ќе остане забележан. Вчера со средбата меѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, за нас е денот кога треба да започне падот на една политика, која овие двајца личности ја застапуваа во изминативе 20 години на политичката сцена. Вчера започна финалниот пад на Црвенковски и Георгиевски и тоа не можеше да биде подобро од она вчера, а тоа е, тие двајцата последниот удар од граѓаните да го добијат заедно, во прегратка, и така двајцата во пакет да заминат во политичката историја на Македонија“.Вака ја коментираше вчерашната средба на Црвенковски и Георгиевски министерот за финансии и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ставрески.
Според Ставрески вчера се случи промовирање на една природна коалиција, а тоа е, помеѓу двајца луѓе кои имаат исти вредности и ист морал.
„Овие двајца луѓе се лицето и опачината на сите падови на духот и моралот кај сите граѓани на нашата земја. Овие двајца се лицето и опачината на сета болка и разочарување кај граѓаните од политичарот и вулгаризирање и спротивност, на се она што еден политичар треба да го претставува, морален и одговорен човек, кој работи за граѓаните и државата“ изјави Ставрески.
Тој потенцираше дека Црвенковски и Георгиевски се директно одговорни за сите стратешки грешки во минатите 20 години донесени во Република Македонија, а за кои историјата ќе им суди..
„Вчера на едно место ги видовме сите оние луѓе, кои политиката единствено ја гледаат како алатка за свое лично богатење. Коалиција на интерес. И тоа не партиски, туку чисто личен. Со единствена желба да се дојде на власт и ништо повеќе“, изјави Ставрески и ја најави борбата меѓу двата концепти.
„Од денес ќе започне политичка борба помеѓу два концепта за Македонија и помеѓу две Македонии. Едната, онаа на Љубчо и Бранко, од времето на транзицијата, од времето на шверцовите на нафта, цигари, од времето на мрачната приватизација во која 200 илјади луѓе останаа без работа, од времето на менувањето на името, менувањето на знамето, од откажувањето од македонските малцинства во соседните земји, од идеите за поделби на државата, но и на територијални организации, а другата е онаа Македонија која што се бори со макотрпна работа за својот прогрес, за својата иднина, која што е трудољубива и која што е принципиелна.
Вчера останаа неодговорени многу прашања. Од тоа дека Бранко Црвенковски не одговори дали смета дека Љубчо е чесен? Но, и Љубчо Георгиевски не одговори зошто Црвенковски не беше на прославата на независноста, дали Бранко чесно ја спроведе приватизацијата и премолче кога овој говореше дека заедно работеле на референдумот. Како, што Црвенковски не одговори дали сеуште смета дека војната во 2001 година ја направија Георгиевски и Тачи. Не одговорија за пљачките, за баловите, за стечајците, за приватизацијата, за олигарсите, за времето кога во Мaкедонија имаше само два медиуми, за бугарските летоци.
Не одговорија на многу работи. Само слушнавме дека разликите ги оставиле на страна. Знаете што. Тие можат колку сакаат разликите да ги оставаат на страна, но народот нема да ги остави нив на страна. Туку ќе им поклаже и тоа директно и недвосмисено каде им е местото, и дека не ги прифаќа овие демагогии, и вакви бизнис коалиции.
Дозволете да констатирам врз основа на сите реакции кои до нас стигнаа во текот на вчерашниот ден, од страна на граѓани, наши членови, но и од голем број неопределени, од голем број интелектуалци, кои имаа една заедничка теза, викаа – убедени сме дека нема човек во државава на кого oд оваа коалиција помеѓу Љубчо и Бранко не му се превртува стомакот.
Оваа коалиција е коалиција која што ги покажува сите грди слики од минатите 20 години.
Зарем некој верува дека Црвенковски и Георгиевски се загрижиле за Македонија и за граѓаните на Македонија? Дали има барем еден човек кој верува дека Црвенковски и Георгиевски можат да ги решат проблемите на луѓето, и навечер не спијат зашто се загрижени за Македонија? Јас не верувам, а знам дека не верувате ниту вие“, рече Ставрески.