Утврдени неправилности во текстилната компанија „Стоби“ од Велес по пријава од ССМ

Од:

Низа неправилности во работењето, како отказ од работа без доставено решение, неисплатени плати и регрес за годишен одмор и прераспределба на работно место и промена на договорот за вработување од неопределено на определено време, се откриени кај текстилната компанија „Стоби“ во Велес.

Инспекцијата е направена по пријава од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму денеска соопштија дека од Државниот инспекторат за труд се известени оти во повеќе наврати е направен инспекциски надзор во компанијата при што се утврдени неправилности од страна на работодавачот, како што се откази на работници без достава на решенија за отказ и неисплатени плати и регрес за годишен одмор.

– Дополнително при инспекциските надзори утврдено е одјавување на 59 работници по основ на спогодба без да се склучи спогодба за престанок на работен однос и склучување на договор за вработување на определено време без писмен договор за вработување, а на 67 вработени им е даден нов променет договор за вработување при што покрај промената на работното место извршена е и промена на работниот однос од неопределено на определено време, велат од Синдикатот.

Трудовите инспектори утврдиле и дека одјавувањата на работниците по основ на спогодба без склучувње на спогодби, се ништовни, односно донесено е решение за нивно поништување и преземени се активности за прекршочна одговорност кон правното и одговорното лице во компанијата.

– Брзото и ефикасно постапување на ДИТ по пријавата на ССМ, покажува дека и во иднина се потребни вакви заедничките активности со кои ќе се придонесе за остварување и заштита на работничките права, а ССМ како најважен заштитник на работничките права покрај за своите членови води сметка и за сите работници во државата, а синдикатот е единствениот субјект во државата, кој има механизам и кој може да се стави во улога на заштитник на правата на сите работници, се наведува во соопштението од ССМ.

Би можело да ве интересира

Трговците се алчни, прво ги зголемија, па ги намалија цените за да им остане истиот профит обвинува ССМ

Се повеќе пари се трошат на храна, минималната кошница за октомври 1000 евра

Трендафилов: Аргументите за пораст на платите се на наша страна, очекуваме сериозно да се разгледуваат на ЕСС

ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии

Горан Наумовски

ССМ очекува благо зголемување на минималната синдикална кошничка

Горан Наумовски

ССМ: Борбата за раст на платите не е политичка