Дипломатското претставништво на Албанија во САД е близу банкрот, стои во писмото на албанскиот амбасадор во САД, Гилберт Галанџани испратено до албанското Министерство за надворешни работи и премиерот Сали Бериша.
„Откако го разгледав Буџетот за 2013-та година, можам со сигруност да кажам дека тој е нереален и неостварлив. Амбасадата во Вашингтон, која е една од најважните за албанската држава, е оставена без возач, технички персонал и чистачи“ пишува амбасадорот во писмото до кое дојдоа албанските медиуми.
Тој се жали дека по покривањето на фиксните трошоци, му остануваат само 12 долари со кои треба да ги придружува претставниците на албанскиот државен врв при нивните посети на САД, како и да отпатува до Доминиканската Република за да ги предаде своите акредитивни писма.
Медиумите пишуваат дека Албанија има договор со две влијателни лоби организации во САД, „Патон Богс“ и „Подеста“, кои ги промовираат албанските интереси во Вашингтон, за кои троши 1,5 милиони долари, неколку пати повеќе од трошоците за одржување на Амбасадата.
Имено, двете лоби групи помагаат при организирање на средби на албански политичари со американски претставници, а и пласираат информации поволни за Албанија во американскиот печат.
Јасна Атанасова