Новиот претседател на Европскиот совет, Белгиецот Шарл Мишел денеска при преземањето на должноста од својот претходник Доналд Туск рече дека сака да ја види Европа самоуверена и сигурна.
– Сакам една самоуверена Европа, сигурна во себе и потврдена, рече Мишел во Советот на ЕУ во Брисел пред публика претежно составена од вработени кои дошле да се поздрават со Туск и да му посакаат добредојде на новиот претседател.
Во краткиот говор по оддавањето признание на Туск, поранешниот белгиски премиер ги образложи своите приоритети, пред се Европа да стане светски лидер во зелената економија.
– Треба да го најдеме патот кој функционира за сите земји, рече Мишел.
Еден од првите предизвици ќе биде да се постигне консензус во долгорочните еколошки цели на Унијата при првиотр европски самит во средината на декември на кој тој ќе претседава со Европскиот совет.
Доналд Туск, кој сега е избран за лидер на Европската народна партија (ЕПП), доби долг аплауз по пет години на чело на Европскиот совет.
– Нашата заедничка карактеристика и нашата заедничка цел е и треба да биде единството на Европската унија, рече Туск пред обраќањето на Мишел.
Туск го опиша својот петгодишен мандат како „долгометражен филм на мајсторот за напнатост Алфред Хичкок, кој велеше дека сценариото за добар филм треба да започне со земјотрес и неговата напнатост да расте до расплетот“, наведувајќи ги како примери грчкиот долг и Брегзит.
– Јас ќе имам свој стил, отворен за дијалог и подготвен да градам мостови, вети Шарл Мишел, додавајќи во шега дека можеби ќе биде повнимателен со твитер пораките, барем на почетокот.
Влијанието на Туск врз таа социјална мрежа расте со текот на годините, особено поради неговите понекогаш остри забелешки, особено околу британските политичари и Брегзит.