На три промотивни концерти што се одржаа изминатата недела во Скопје, Кавадарци и Гевгелија, пред јавноста беше претставено музичкото издание, односно вториот и третиот том од циклусот „Compendium Musicum“ со наслов „Романтизам и импресионизам“, во кој се поместени четириесетина маркантни композиции од големите мајстори на овие епохи.
Како што соопшти Музичкиот издавачки центар (МИЦ), во селекцијата и редакцијата на композициите учествувале нашата истакната пијанистка, музички педагог и публицист Снежана Анастасова Чадиковска и младиот пијанист Стојанчо Баковски.
На промотивните концерти на кои беa претставени збирките „Пиеси за пијано – Романтизам и Импресионизам“, 2 и 3 младите пијанисти (четиринаесет на број) од музичките училишта од земјава имаa можност да исполнат дел од композициите содржани во нив.
Збирките се во издание на Музичкиот издавачки центар и се потпомогнати од Министерството за култура.
– Присуството и исказите на промоторот Евушка Трпкова Елезовиќ, истакната пијанистка и поранешен декан на Факултетот за музички уметности, и на воведничарот – уредникот и музиколог Марко Коловски беа драгоцен придонес во адекватното претставување на ова исклучително издание во македонската музичка култура, соопшти МИЦ.
Промотивниот концерт во Кавадарци го организирале ООМБУ „Лазо Мицев Рале“, а во Гевгелија – Фондацијата „Аполонија“ со помош на исклучителниот ангажман на Љубица и Ѓорѓи Улишеви.