Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ Македонија се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Поради ниските температури можни се подмрзнувања на осојничавите места. Појава на магла има во Крушево со видливост од 70-100 метри.
Забрана за движење има на патниот правец Р-1103 Неготино-Радовиш односно Неготино – Штип преку Лакавица, поради деформација и оштетување на мостот на Вардар. Мостот целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци и е пренасочен преку Криволак, патниот правец Неготино – Криволак – Пепелиште и тоа само за лесни возила.
На патниот правец Демир Капија – Удово, кај тунелите на Демир Капија, се изведуваат градежни работи. Има поставено светлечка сигнализација која го регулира сообраќајот. Можни се повремени кратки застои во одвивањето на сообраќајот на тој дел од патот.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Берово – Виница, каде е можна почеста појава на одрони. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се на терен и редовно ги контролираат и одржуваат проодни сите патни правци.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ информира и дека заклучно со 15.03.2013 година заврши законската обврска за поседување на зимска опрема во возилата.