Поради сомнежи за постоење масовна гробница од војната во Косово во 1998-99 година, денеска, на барање на косовскиот Институт за судска медицина и владината Комисија за исчезнати лица, ќе започнат ископувања во кампусот на Приштинскиот универзитет, во близина на тамошната православна црква, јави дописникот на МИА од Приштина.
По налог на обвинителката Дрита Хајдари, во дворот на универзитетскиот кампус, конкретно на паркингот на Факултетот за уметности, вчера почнаа работите за подготовка на теренот на местото за кое има сомнежи дека има гробница со тела на цивили Албанци погребани од страна на српските воени и паравоени формации за време на последната војна во Косово.
Директорот на Институтот за судска медицина, Арсим Грџалиу пред започнувањето на ископувањата изјави за медиумите дека, според искази на очевидци, во време на последната војна на тоа место имало движења на градежна механизација, и тоа главно ноќе. Грџалиу вели дека на местото каде што сега ќе се ископува биле пронајдени делови од облека на мажи и жени, на кои имало траги од крв.
Во универзитетскиот кампус во центарот на Приштина имало ископувања и во 2016 година, но тогаш не била откриена масовна гробница, а новото ископување ќе се врши на друга локација, кoја е во близина на претходната.