Третата стихозбирката на Љупка Антеска со наслов „Отвори ги очите“ деновиве излезе од печат. Во книгата на седумдесетина страници се поместени стихови во три циклуси: „Поезијо, остави ме“, „Љубов потпрена на патерици“ и „(Мо)ментални (за)белешки“.
– „Отвори ги очите“ е книга пожелна за читање, затоа што знае да ја одмери метафоричноста и асоцијативноста на исказот, кои одат по границите на алузивноста во еден контекст кој е доволно достапен и отворен за да се согледа и дискретниот предмет на алузиите и асоцијациите. Само треба, нели, да се отворат очите, како што сугестивно кажува и самиот наслов на книгата, кој пак е актуализација на еден фразеологизам или израз што го употребуваме често и во секојдневната говорна практика. Но, поместен во поетска констелација, овој израз добива едно посуптилно значење, повикувајќи на повисок сензибилитет (чувствителност) на визуелната, емотивната и менталната перцепција на читателот, пишува во освртот за книгата, академик Катица Ќулавкова, критичар, есеист, поет, раскажувач.
За новото дело, авторката вели дека станува збор за песни кои се гласни и храбри, а допираат теми како: отуѓеноста на човекот, парадоксите на модерното време, моќта на поезијата, болните загуби, но и малите радости во нашите животи, љубовта.
Книгата е во издание на Здружението за култура Слово 21. Планирано е да биде промовирана во декември.
Антеска живее и работи во Гостивар, како новинар. Автор е на стихозбирките: „Денодение“ (2012) и „Лек за времето“(2015).