Кинеската Влада денеска соопшти дека ќе продолжи „решително“ да ја поддржува хонгконшката лидерка Кери Лам и покрај вчерашната победа на продемократската опозиција на локалните избори во градот, пренесоа светските агенции.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ган Шуан ја потврди и решеноста на Пекинг да „се спротивстави на мешањето во внатрешните работи на Хонг Конг од која и да било странска сила“, забележаа агенциите.
Продемократската опозиција во Хонг Конг соопшти дка освоила речиси 90 проценти од 452-те места во окружните совети на градот, што ќе и овозможи да преземе досега невидена контрола врз 17 од вкупно 18-те окружни совети, потсетуваат американските медиуми.
Резултатите од гласањето може да ја натераат централната власт во Пекинг уште еднаш да размисли за пристапот кон протестите во Хонг Конг, што навлегуваат во шестиот месец.
Окружните совети реално имаат мала власт, но изборите се претворија во референдум за општествената поддршка за протестите.
Портпаролот на кинеското МНР денеска повтори дека „запирањето на насилството и враќањето на мирот сега се најитните задачи на Хонг Конг”.