Северна Кореја денеска соопшти дека не е заинтересирана за бесмислени разговори со САД само за американскиот претседател Доналд Трамп да има со што да се фали.
– Веќе не сме заинтересирани за разговори од кои ништо не добиваме. Со оглед на тоа дека ништо не добиваме, веќе нема да го даруваме американскиот претседател со нешто за тој да може да се пофали, изјави советникот од севернокорејското Министерство за надворешни работи Ким Ке-гван.
Со тоа, Северна Кореја одговори на твитот на Доналд Трамп, во кој тој навести нова средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Советникот оцени дека Вашингтон мора да се откаже од она што Пјонгјанг го смета за „непријателска политика“ доколку сака да преговорот да опстане.
Трамп изјави за неговиот политички ривал Џо Бајден дека е „нешто подобар од бесно куче“. Тој вчера на Твитер напиша порака до лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун дека демократскиот кандидат за претстојните претседателски избори е „можеби поспан и многу бавен“, но не и „бесно куче“ и е „нешто подобар од тоа“. На тој начин тој одговори на завчерашната оценка на државната севернокорејска новинска агенција КЦНА дека поранешниот американски потпретседател е „бесно куќе кое треба со стап да се претепа до смрт“.
Трамп му порача на Ким дека тој е единствениот кој „може да го доведе таму каде што треба да биде“ и го повика да дејствува брзо и да дојде до договор. Твитот завршува со зборовите „Се гледаме наскоро“.