Промоција на стихозбирката „Небесна геометрија“ од Андреј Ал-Асади

Од:

Најновата стихозбирка на Андреј Ал-Асади – „Небесна геометрија“, во издание на ПНВ Публикации, вечер ќе биде промовирана во фоајето на кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Стихозбирката содржи триесетина песни поделени во три циклуси, а збогатена е и со неколку илустрации од Иван Дуковски. Книгата ќе ја претстават Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска во разговор со авторот. Музички гости на настанот ќе бидат Андреј Блажевски и Ирена.

Андреј Ал-Асади е роден во 1996 година во Лондон. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues” (2014) и „Под дервишовото сиќе“ (2018). За збирката раскази „Друго минато“ во 2018 година ја добива наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“. Учествувал на повеќе поетски читања меѓу кои и на Струшките вечери на поезијата.

– Андреј Ал-Асади несомнено е еден од најпрепознатливите гласови во младата македонска поезија. Се појави тивко со своето средношколско првенче „Midnight Blues“, а веќе со „Под дервишовото сиќе“ влезе во најтесниот избор за наградата Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата. „Небесна геометрија“ е негов трет поетски ракопис, кој логично се надоврзува на претходната книга. Оваа книга изобилува со поетски слики што ги напаѓаат читателските сетила, со свежи, неизлитени метафори, мислата патува во сфери од човековата свест до кои ретко се стигнува, таа комуницира со древни знаења, а она што е напишано во песните е очигледно доживеано некаде во внатрешните светови на лирскиот субјект и тоа ги прави веродостојни и привлечни за читателот. Ако му се пристапи херменевтички на овој ракопис, во него ќе се откријат референции кон источната филозофија, онаа далекуисточната, индиската, но и референции кон арапската култура, пишува Ѓоко Здравески.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот