Партизан е тимот со кој што МЗТ Скопје Аеродром ќе го одигра последниот натпревар на домашен терен, а вкупно 25-ти во АБА лига натпреварувањето.
Иако ги загуби шансите за пласман на завршниот турнир, МЗТ со свои мотиви да одигра добар меч против еден од најтрофејните тимови на просторите на поранешна Југославија, и редовен учесник во Евролигата. Дуелот со Партизан, за МЗТ ќе биде добра можност да се подобри впечатокот кој го остави со поразот од Шолнок во минатиот викенд. Екипата на Партизан во минатото коло, на домашен терен успеа да слави победа на лидерот Игокеа со резултат 73:64.
Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром очекува тежок меч, но се надева дека со добра игра може да се стигне до изненадување.
„Ни гостува екипата на Партизан, а сите знаеме дека се работи за одличен тим. Тоа е голем натпревар за нас, еден тест за нашата екипа, за нашите играчи, пред продолжетокот на сезоната. Мотивацијата за овој меч не е воопшто спорна, ќе играме пред нашите навивачи и мораме да го одиграме најдобриот меч досега за да го изненадиме фаворитот”- изјави Пипан.
Двете екипи, својот прв меѓусебен дуел го одиграа на 9-ти декември во Белград, во кој што славеше домаќинот Партизан со резултат 68:58. Дру Гордон со 15 и Бертанс со 9 беа творци на победата. Дамјан Стојановски со 15 и Кејд Дејвис со 11 поени беа најефикасни во тимот на МЗТ.
Здраствениот билтен во тимот е поволен и освен Стефан Поповски Турањанин, сите други играчи се спремни за настап на утрешниот меч.
Натпреварот помеѓу МЗТ Скопје Аерором и Партизан се игра утре со почеток во 19.00 часот. Билетите се веќе пуштени во продажба по цена од 150 и 100 денари.