Долгогодишниот соработник на „Монти Пајтон“ и продуцент на нивните филмови, Стив Абот, ја прими наградата за животно дело од Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Доделена му е за долгодишно посветено работење со групата која годинава одбележува 50 години од првото емитување на нивната комична серија „Летачкиот циркус“ на Би-би-си.
Наградата му ја врачи амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј пред синоќешната проекција на „Смислата на животот“ – еден од петте филма на „Монти Пајтон“ кои се на програмата на „Синедејс“, заедно со „Монти Пајтон и Светиот грал“; „Житието на Брајан“; „Монти Пајтон во живо од Холивуд Боул“ и „А сега, нешто сосема поинакво“. Абот денеска одржува и мастерклас во рамки на придружната програма на фестивалот.
Стив Абот од 1979 до 1997 со неговата бизнис партнерка Ен Џејмс ги менаџирал „Монти Пајтон“ и со Џон Клис, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Палин ги основаат „Prominent Features“ и „Prominent Television“.
-Чест ми е што сум поканет на 18. „Синедејс“, особено затоа што годинава ја одбележува педесетгодишнината од Монти Пајтон. Кога „Летечкиот циркус“ беше прикажан првпат на Би-би-си во 1969 година, веднаш станав фан. Во тоа време сѐ уште бев на училиште и никогаш не бев помислил дека би можел да ги запознаам, а камоли пак да работам со моите херои…. Во текот на овие 40 години од мојата кариера имам работено со некои или со сите Монти Пајтонци, живеено и работено во Холивуд, како и патувано низ светот на поголеми филмски фестивали и настани, истакна Абот по повод гостувањето на „Синедејс“.
Стив Абот станал почесен доктор на науки на Универзитетот во Бредфорд во 1998 година и почесен соработник на колеџот Бредфорд во 2012 година и има магистрирано на Универзитетот во Кембриџ, каде што бил стипендист на катедрата за математика.