Благодарение на изобилството на вода во дебарското сливно подрачје, трите агрегати на ХЕЦ „Шпилје“ во овој реон работат под полн капацитет и произведуваат околу два милиона киловат часови електрична енергија дневно. Од почетокот на годинава произведени се околу 60 милиони киловат часови електрична енергија, што претставува остварување на годишниот план за околу 25 отсто, соопштуваат од компанијата.
Од ХЕЦ „Шпилје“ посочуваат дека ако продолжи поволната хидрологија и во следниот период, годишниот план од 252.082 милиони киловат часови се очекува да биде остварен, а множеби и натфрлен.
Лани беа произведени 241 милиони и 271 илјади киловат часови електрична енергија што претставуваше натфрлување на планот за околу 2 отсто.
ХЕЦ „Шпилје“ работи веќе 44 години, а максимално рекордно производство на струја е забележано во 2011 година кога беа произведени околу 560 милиони киловат часови.