Антивладините демонстранти во Ирак денеска го блокираа влезот во нафтената рафинерија во градот Насирија.
Блокадата на нафтената рафинерија предизвика недостиг на гориво во цела ирачка провинција Ди Кар.
Рафинеријата во Насирија има капацитет да произведе 30.000 барели нафта дневно, но во последно време произведува од 15.000 до 20.000 барели на ден, што не е доволно за потребите на провинцијата.
Антивладините протести и денеска продолжија ширум Ирак. Демонстрантите денеска се подбиваа со иранските лидери, фрлаа молотови коктели врз канцелариите на нивните политички сојузници и им се закануваа на иранските дипломатски мисии.
Антивладините протести во Ирак, што почнаа минатиот месец предизвикани од економската состојба во земјата, главно се насочени кон ирачките политички лидери. Но, за време на протестите на површина излезе и огорченоста поради иранското влијание во Ирак, поради што на мета на демонстрантите се најдоа шиитските политички партии и милициите блиски до Техеран.