Туристичкиот потенцијал во Малешево и идното заштитено подрачје „Ченгино Кале“, беа главните теми за дискусија на работилницата која се одржа во Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево, Пехчево. Како што истакна градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски, работилницата е само една од низата планирани средби поврзани со прашања важни за локалното население.
-Во рамки на оваа средба зборувавме за состојбата во регионот во поглед на туристичката понуда, како и за потенцијалите за развој и поврзување на услуги и активности поврзани со различни типови туризам. Од она што е важно на ова поле, за регионот Малешево е важно тоа што во моментов се изработува „Студија за валоризација на природните вредности на Ченгино Кале“, процес што го координира Македонско еколошко друштво. Се работи за стратешки документ што е основа за процесот на прогласување на дел од Малешевските Планини за заштитено подрачје, истакна Тренчовски.
Активностите, како што додаде, се одвиваат во рамки на Програмата за зачувување на природата во земјава.
-Се работи за втора фаза од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка, со која што е предвидено воспоставување заштитени подрачја (ЗП) во сливот на река Брегалница. Во процесот на одбирање на приоритетни подрачја за заштита, во соработка со клучните страни и со одлука на Источен-плански регион (ИПР), беа селектирани Осоговските Планини и Ченгино Кале како најпогодни подрачја за отпочнување процес за прогласување, додаде Тренчовски.
На средбата присуствуваа и претставници од соседната Општина Берово, предводена од градоначалникот Звонко Пекевски, како и клучните чинители од Берово и Пехчево во сферата на туризмот и угостителските услуги. По изработката на студијата за валоризација и по одобрување од Министерство за животна средина и просторно планирање, конечната одлука за предлогот за заштитените подрачја Осогово и Ченгино Кале, треба да ја донесат градоначалниците од 11-те општини од Источно-планскиот регион.