Тетовскиот театар во соработка со Факултетот за уметност на Универзитетот во Тетово вечер од 19 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Приказна од зоолошката градина“ по текст на американскиот драматург Едвард Олби во режија на Гент Чајани.
Претставата е на албански јазик и ќе биде изведена во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Улогите ги толкуваат Рахим Рамадани, Берат Махмути и Гранит Вела.
Приказната се одвива во градски парк каде што двајца мажи од различни класи се среќаваат случајно. Додека зборуваат, тие споделуваат приказни и сфаќаат колку им се различни животите.
-Делото ги поставува прашањата: Колку сме неспособни да го смениме контекстот на „туѓо“ во лицето на суровиот живот што го живееме од ден на ден? Што се случува кога ќе го изгубиме чувството за живот? Како можеме да добиеме слобода без да повредиме некого, соопшти Тетовскиот театар за новата премиера.