Царинските службеници во изминатите два дена привремено задржале 46 парчиња златен накит и 9.500 делови за моторцикли со лого на заштитената трговска марка ТОМОС.
На граничниот премин Богородица, вчера при контрола на возило со македонски регистарски ознаки и личен претрес на возачот, македонски државјанин, биле откриени 46 парчиња златен накит (синџирчиња, прстени, приврзоци, обетки и нараквици), со вкупна тежина од 131 грам и вредност од околу 185 илјади денари. Непријавената стока била сокриена во две кесиња, завиткани во хартија и сместени во рачна ташна, како и во чорапите и џебовите од јакната на возачот.
Против возачот, Царинската управа ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по прекршоци.
Еден ден претходно, на 11 март, на царинската испостава Гевгелија, фирма увозник од Прилеп пријавила за увозно царинење 9.500 делови за моторцикли (сајли, цилиндри, филтри за гориво, светилки и друго) со потекло од Кина, со вкупна вредност од околу 300 илјади денари. При извршената царинска контрола, царинските службеници утврдиле дека целата стока носи ознаки – лого на трговската марка ТОМОС, и поради сомневање дека станува збор за фалсификати на заштитена трговска марка, стоката била привремено задржана.
Пазарната вредност на сомнителната стока се проценува на околу 750 илјади денари, доколку би се продавала како оригинал. Согласно законот за заштита на права од интелектуална сопственост, Царинската управа ќе започне постапка за утврдување на оригиналноста на стоката, соопшти Царинската управа.