Двојазичната стихозбирка „Зборот на непријателот/La parola del nemico“ од италијанскиот поет Лука Бенаси вечер ќе биде промовирана во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Издавач на делото е ПНВ Публикации.
Препевот од италијански е на Дарио Тодоровски и Катарина Величковска, а редакцијата ја извршија Наташа Сарџоска, Искра Петрушевска и Јулијана Величковска.
Стиховите на македонски ќе ги чита Ѓоко Здравески, а промотор ќе биде Владимир Мартиновски.
Во поговорот кон оваа книга, Мартиновски пишува дека поезијата на Лука Бенаси е слоевита, загадочна и мошне асоцијативна.
– Секоја негова песна создава специфична и различна атмосфера, која е тешко да се именува. Тоа е поезија која бара мошне суптилни и внимателни читатели. Насловите би го ограничиле полето на читање и толкување на неговите песни. Поезијата на Лука Бенаси е поезија на мигот. Тој се осмелува да го долови најнеуловливото, нејнедофатливото, односно мигот… Неговите песни и поетски слики се истовремено спонтани, но и крајно внимателно и трпеливо градени. Тој никогаш на читателот не му дава премногу, ами доволно. Извонредно тешко е да се постигне таков баланс меѓу метонимиското и метафоричното во поезијата како што тоа го прави Лука Бенаси, пишува Мартиновски.
Лука Бенаси ѝ е добро познат на македонската поетска сцена. Досега се претставил на двата најпрестижни поетски фестивали во нашата држава – Струшките вечери на поезијата и Поетска ноќ во Велестово. Тој е роден во Рим во 1976 година, каде што живее и работи. Ги објавил поетските книги „На маргините на историјата“, (2000), „Сјајот на сивилото“, (2005), „Честа на правта“, 2009 и памфлетите „За мене ќе речат“ (2011) и „Плиткоста на снегот“ (2012). Заедно со поетесата Маки Старфилд ја објавил електронската книга „Duet of Lines Sen no Nijuso“ (со текстови на италијански, англиски и јапонски јазик, Јунпа изданија, 2016).
Во 2018 год. беше издадена книгата „Задниот дел на небото“, избор песни на италијански и шпански јазик, преведени од Стефано Стражабоско, Емилио Коко и Џовани Дарконза.Ја превел книгата „De Weg“ од фламанскиот поет Жермен Дрогенброт (Патеката, 2002). Ја објавил и збирката критички есеи „Задавени брзаци: италијанските поети во 2000-те години“ (2010). Ја уредил антологијата „Магнификат. Поезија 1969 – 2009“ (2009), која го содржи целиот творечки опус на поетесата Кристина Анино, антологијата на критички осврти „Погледи во поезијата на Акиле Серао“ (2013) и „Домот на соколите, поезија 1974 – 2014“ (2014), којашто претставува антологија на целокупното творештво на Данте Мафија.