Во рамките на проектот „Македонија на дланка – Визуелен туристичко-едукативен водич“, Велес е првата општина во земјава која доби виртуелна туристичка прошетка низ 18 најзначајни туристички локации на градот.
Во прошетката најпрво е претставена панорама на градот од воздух, потоа зградата на Општина Велес, Спомен-костурницата од НОВ, Народниот музеј и Саат-кулата – симболот на градот.
Тука е и Споменикот на Илинденците – Коњаникот во центарот на градот, Споменикот на Кочо Рацин во центарот на градот и пред гимназијата која го носи неговото име. Потоа и неговата Спомен-куќа во стариот дел на Велес, каде што виртуелно се снимени и Спомен-куќата на Васил Главинов, Спомен-куќата на Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Куќата на Касапови, попозната како „Куќата што лебди“.
Во виртуелниот водич е и зградата на Народниот театар, Младинскиот парк и црквите „Св.Кирил и Методиј“ и „Св.Пантелејмон“, Споменикот на Панко Брашнаров и езерото „Младост“.
Проектот е поддржан од Општина Велес, а сите заинтерсирани може да го најдат на веб-страницата www.macedoniafromabove.mk/