Светска банка ќе даде поддршка од околу 120 милиони долари за финансирање на пет проекти со кои ќе се подобри локалната инфраструктурата, да се модернизира пензискиот сектор и земјоделството, ќе се подобри енергетската ефикасност на јавните институции и ќе се обезбеди пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги. За ова стана збор на состанокот помеѓу делегацијата предводена од министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со потпретседателот на Светска банка (СБ) за Европа и Централна Азија Сирил Милер, со директорот на СБ за Западен Балкан Линда Ван Гелдер и со извршниот директор на Групацијата на СБ за Конституенцата во која е Р. Северна Македонија Кун Дејвитсе, за време на Годишните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд кои се одржуваат во Вашингтон.
До почетокот на следната година треба да се потпише договорот со Светска банка (СБ) со која ќе се обезбедат 70 милиони евра за реализацијата на Проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта. Преку Проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта општините со проекти за локалните делници ќе можат да ги искористуваат средствата за да ја подобрат локалната инфраструктура.
Преку Проектот за енергетска ефикасност во вредност од 25 милиони евра ќе се вложува во подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти во општините, како и подобрување на енергетската ефикасност на објектите на јавните институции.
Проектот за модернизација на земјоделството е во вредност од околу 46 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра ќе бидат грант средства. Преку овој проект ќе се подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор преку советодавен едношалтерски систем и земјоделски откупни центри, а истовремено ќе се јакнат и капацитетите за спроведување на ИПАРД. Се очекува договорот за овој проект да се потпише со Светска банка на почетокот на 2020 година.
Исто така, во рамки на поддршката која ни ја дава Светска банка за пензиските реформи е и Проектот за модернизација на пензискиот сектор. Со овој проект ќе се модернизира пензиската администрација, ќе се воспостави единствен регистар на социјално осигурување, ќе се зајакне системот на вработување и професионална рехабилитација на лицата со инвалидност. Се очекува проектот да се потпише на почетокот на следната година.
До средината на следната година треба да се потпише и договор со Светска банка за финансирање на проектот Дигитална Македонија во износ од 30 милиони евра со кој ќе се овозможи пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги.
Инаку во рамки на средбата министерката за финансии и потпретседателот на Светска банка го потпишаа договорот ДПЛ за поддршка на развојните политики во јавните финансии, реформи во подобрување на управувањето и транспарентноста на јавните финансии и поефикасна јавна потрошувачка, особено за социјалната заштита, реформи во енергетика преку либерализација на енергетскиот сектор и зајакнување на обновливи извори на енергија – сите во насока на постигнување долгорочен раст.
Од двете страни беше истакнато дека претстои амбициозна агенда, голем број на проекти кои ќе се реализираат идниот период и кои ќе придонесат за подобрување на инфраструктурата во земјата и јакнењето на човечкиот потенцијал.