Минатата недела судот во Буенос Аирес го започна судењето за здружен злосторнички потфат, попознат како “Операција Кондор”. Дваесет и пет челни луѓе од воените хунти на Аргентина, Чиле, Уругвај, Парагвај, Боливија и Бразил, се обвинети дека за време на 70-тите години, под покровителство на САД и на иницијатива на чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче, започнале заедничка операција, чија цел била физичка ликвидација на членови на левичарската опозиција на континентот.
Од 25 обвинети за “злосторство без граници” (како што е познат во Латинска Америка), во судницата се приведени поранешниот аргентински диктатор Хорхе Рафаел Видела и еден од експонентите на екстремната десница од времето на воената хунта, Рејналдо Бињон (веќе осуден на доживотен затвор за злосторства извршени за време на т.н. “валкана војна”). Покрај нив на обвинителната клупа седна и поранешниот полковник на уругвајската армија Мануел Кордеро, а би требало да им се придружат и аргентинските претставници Сантијаго Риверос, Карлос Умберто Каѓано Тедеско, Лучијано Бенјамин Менендез и Антонио Ванек, како и уште шест поранешни припадници на уругвајските вооружените сили, за кои е договорена екстрадиција.
“Операцијата Кондор” ја осмисли американската разузнавачка агенција ЦИА, а на 10 воена конференција која се одржа на 3 септември 1973 во Бразил, тогашниот генерал на бразилската армија Брено Борхес Фортес јавно ги повика челниците и припадниците на вооружените сили и силите за безбедност во Латинска Америка во заедничка акција против комунистичката опасност која му се заканува на континентот. ” Клучен доказ се документите на од 1976 година. од кои е тргнат знакот за тајност, а во кои детално се опишува заверата на безбедносните служби и размената на разузнавачките податоци со цел елиминирање на експонентите на левата опозиција во Латинска Америка.
Освен тоа, ќе се обиде да се докаже дека ЦИА цело време ги помагала, прикривала, советувала и финансирала латиноамериканските тајни служби, а обуката за спроведување на “Операцијата Кондор” на територијата на Латинска Америка им ја овозможиле со помош на “организацијата за безбедност и соработка во западната хемисфера” (Western Hemisphere Institute for Security Cooperation), но и на територијата на САД.
Обвинението, латиноамериканските диктатори и нивните службеници ги товари за убиства на 106 уругвајски, парагвајски, чилеански, боливијски и перуански државјани, луѓе кои се киднапирани, мачени и убиени на територијата на Аргентина и за убиство на тројца аргентински државјани, кои се киднапирани и убиени во Бразил. Претежно се работи за лидери и членови на левичарските групи Montoneros, Ejército Revolucionario del Pueblo, Tupamaros, Avanguardia Popolare Socialista i MIR, а за нивните убиства ќе се обидат да ја покажат одговорноста и на групата од латиноамериканските диктатори Аугусто Пиноче, Алфредо Штроснер, Хуго Банзер, Хорхе Рафаел Видела, Леополд Галтиериа, Рејналд Бињон и други, како и нивните соработници. Име што привлекува најголемо внимание и за кое со нетрпение ќе се чека излагање на повеќе од 400 сведоци на обвинителството, е тогашниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кој заедно со Никсон беше најголемиот поборник на “Операција Кондор”.
Кисинџер, се разбира, не е на листата на обвинети, како ниту на оние кои, како Пиноче во меѓувреме починаа, но затоа пак, во текот на судењето ќе се утврди историската вистина. Таа во овој случај е поважна од казната затвор која ќе ја добијат неколку старци, виновни за смртта на илјадници и илјадници луѓе. Бидејќи не се работи за одмазда, ниту за пресметка со поранешните господари на животот и смртта во Латинска Америка, говорат и зборовите на адвокатката Каролина Варски која ги застапува роднините на жртвите и вели:
“Сакаме да докажеме постоење на, здружен злосторнички потфат, на лидерите на воените хунти од Чиле, Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај и Боливија, кои под покровителство на САД вршеле физичка ликвидација на лидерите на левичарските движења, но и на сите оние што се осмелиле да ја критикуваат тогашната власт”.
Се претпоставува дека судењето ќе трае две години, по што со новите докази повторно ќе се испишат страниците на историјата од најмачниот период за Латинска Америка.
Многумина со право го поставуваат прашањето: “Дали ова не беше случај за Меѓународниот кривичен суд во Хаг?”. Сепак, аргентинското правосудство, знаејќи дека МКС не се бави со случаи во кои на клупата на обвинети може да се најдат американски официјални претставници, одлучи оваа постапка да ја спроведе самостојно.