Меѓународeн поетски фестивал „Денови на Наим“ ќе се одржи од утре до 21 октомври во Тетово и во албанскиот град Корча, најавија денеска на прес- конференција од дирекцијата на фестивалот.
Фестивалот ќе биде отворен во 19:30 часот пред Центарот за култура „Иљо Антески Смок“, а се очекува да се обрати министерот за култура Хусни Исмаили, како и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
– Лауреат на годинешното издание е поетесата од Англија, Фиона Самсон, која ќе добие наградата „Наим Фрашери“, како и функцијата почесен член на дирекцијата на фестивалот. На вториот ден во општина Тетово ќе се промовираат 10 книги меѓу кои три книги на лауреатите, Антологија на фестивалот, Антологија на македонската модерна поезија и други книги на странски и албански поети. В петок попладне ќе одиме во Арабати Баба Теќе каде ќе имаме читање. Во сабота ќе патуваме за Корча каде е финалната вечер и доделувањето на наградите, изјави Шаип Емурлаху од дирекцијата на фестивалот.
На Меѓународниот поетски фестивал „Денови на Наим“ ќе учествуваат 40-тина поети од 10 земји.