Курдската администрација во северна Сирија објави дека е постигнат договор со Владата во Дамаск за распоредување на сириски трупи во близина на границата со Турција за да се одговори на офанзивата што ја спроведува Анкара.
– За да ја спречиме и да се спротивставиме на агресијата, постигнат е договор со сириската Влада според кој сириската армија може да се распореди долж сириско-турската граница за да им помогне на Сириските демократски сили (СДФ), објави курдската администрација на својот профил на Фејсбук.
Во соопштението Курдите наведуваат дека договорот со Дамаск „отвора пат за ослободување на другите сириски градови кои ги окупира турската армија, како Африн“.
Официјалниот претставник на Кобане, генералот Исмет Шеик Хасан претходно изјави дека сириские Курди постигнале договор со Русија да им овозможат на силите на сирискиот претседател Башар Ал Асад да влезат во Кобане. Хасан, кој е министер за одбрана на Автономната администрација на Северна и Источна Сирија, наведе дека од синоќа трупите на руските и сириките власти можат да влезат во Кобане и Манбиџ за да помогнат да се обезбедат градовите од офанзивата што ја води Турција во северна Сирија.
– Се договоривме со Русите и силите на Асад да влезат во Кобане. Направивме се што можевме. Ги повикавме Западот и Арапската лига, но никој не доаѓа да помогне, така што немавме никој друг освен самите себеси за да го браниме Кобане, рече Хасан.
Ниту СДФ, ниту Русија не потврдија дека постои таков договор.