Во повеќе европски и американски градови синоќа беа одржани демонстрации за поддршка на автономија на Секеите во Романија.
Најмасовни протести беа одржани во Унгарија, и тоа пред Романската амбасада во Будимпешта, како и во градовите Солнок, Кестели и Сарошпатак. Собири беа организирани и пред амбасадите и конзулатите на Романија во Лондон, Виена, Хелсинки, Хаг, Минхен, Стокхолм, Цирих, Њујорк, Кливленд, Лос Анџелес, Торонто и Отава.
Организатор на демонстрациите беше Здружението за автономија на Секеите, чиј секретар Лајош Ласло порача дека Секеите сакаат „слободно да ги користат својот мајчин јазик и симболи“.
– Сакаме автономија затоа што тоа е единственото прифатливо решение, рече Ласло.
Секеите се унгарска етничка група кои живеат во источниот дел на романската област Трансилванија. Во Романија живеат околу 670.000 Секеи, при што во окрузите Харгита и Ковасна тие сочинуваа 85, односно 74 отсто од населението.