Ужасно злосторство ја потресе денеска Австрија.
Според извештаите на медиумите, 25-годишно момче ја убило својата поранешна девојка на возраст од 19 години, нејзиното ново момче (24) и тројца членови на нејзиното семејство во раните утрински часови.
Според полицијата, младиот човек дошол на портата на полициската станицa и на чуварот му рекол: „Само што убив петмина луѓе“.
Убиецот е идентификуван како Андреас Е., кој синоќа во ресторан се сретнал со својата поранешна девојка и нејзиното ново момче, изјави на прес-конференција началникот на полицијата во Тирол, Валтер Пап.
Најпрво дошло до вербален конфликт, по што сè се смирило, но само накратко.
Младиот човек со автомобил дошол до куќата на родителите на неговата поранешна девојка околу 4 часот наутро и чукнал на вратата. Таа тогаш повторно му рекла дека нивната врска е завршена.
Како што изјавил началникот Пап, момчето по ова седнало во автомобилот и тргнало да го земе пиштолот на својот брат. Кога се вратил во 6 часот по полноќ, таткото на неговата поранешна девојка ја отворил вратата, а Андреас Е. веднаш го застрелал, а потоа и неговата сопруга и синот.
25-годишникот тогаш излегол низ прозорецот кон одвоениот стан од куќата во кој живеела неговата поранешна девојка со новото момче.
Убиецот точно знаел каде да ги најде, рече началникот на полицијата, бидејќи тој и неговата поранешна девојка живееле во истиот стан.
Шефот на полицијата го опишал убиецот како мирна личност и додаде дека семејствата на убиецот и убиените се познавале.