Повеќе од 350 инженери, субјекти од областа на електроенергетиката, претставници на регулаторни тела, на академската заедница се дел од меѓународното советување што во организација на Националниот комитет на Северна Македонија во СИГРЕ од денеска се одржува во Охрид.
Овој 11-ти по ред собир на водечката техничка асоцијација во областа на електроенергетиката во меѓународни рамки ќе бидат презентирани 113 експертски трудови на кои авторите ќе ги претстават нивните истражувања и практични искуства, а учесниците на советувањето ќе добијат директен преглед на тековните предизвици во различните сегменти на електроенергетскиот сектор.
-Енергетиката како бранша постојано се соочува со предизвици, потребно е државата поголемо внимание да посвети на проблемите во сферата, уште повеќе што таа е исклучително важна за севкупниот развој. Од друга страна пак, ништо во енергетиката не се прави од денес за утре, туку сите евентуални зафати, од управни измени до технички развој трае години. Значи, потребна е стратегија што ќе се спроведува на подолг рок, рече Благојче Трповски, претседател на Националниот комитет на СИГРЕ за Република Северна Македонија.
Фактот што Република Северна Македонија е увозник на електрична енергија 24 часа дневно, зависноста од регионот укажува на потребата од изнаоѓање нови, обновливи извори на енергија.
-Од една страна сме обврзани да ги намалуваме емисиите на штетни гасови во атмосферата, а во Европа веќе се спроведуват практики на елиминирање на термоелектраните. Тоа нема да се случи одеднаш, но мора да се размислува во таа насока, односно за постепено напуштање на јагленот како ресурс туку зголемување на изградбата на обновливи извори на енергија, рече тој.
Во иднина ќе се работи на воспоставување поразвиен енергетски систем, со прекугранични водови кон сите соседни држави.
-Регионалната енергетска поврзаност значи отворен пазар на енергија, што значи порамнување на цените на струјата, а тоа пак треба да резултира со потранспарентна трговија со енергенси, берзите на струја ќе овозможат набавување струја на часовно, дневно, месечно ниво, што гледано во целина значи порелаксиран систем околу електричната енергија, рече Трповски.
Пленарната сесија на советувањето е посветена на една од актуелната теми околу дигиталните трендови во електроенергетските системи, со посебен акцент на информатичката безбедност. Достигнувањата и новините на индустријата учесниците ќе можат да ги проследат преку шест технички презентации посветени на актуелни теми од областа на електроенергетиката. Во рамки на советувањето е поставен и изложбен простор отворен за сите учесници за време на трите дена на советувањето каде учесниците ќе можат од блиску да се запознаат со најновите производи и достигнувања на водечките компании од електроиндустријата.
Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачески оцени дека трудовите што ќе бидат презентирани на собирот ќе го посочат насоките како енергетските компании секоја во својот дел да фати приклучок кон новите текови на енергетиката, од производството, преку пренос, складирање, енергетската ефикасност и друго.
-Доминираат теми посветени на биогасот, фотоволтаците, енергетската ефикасност, акумулации, ветерници. Тоа покажува на потребата од обновливите извори на енергија и нивното значење во блиска иднина. Но, тука не можат да се занемарат и традиционалните извори, оттаму што базната енергија е се уште клучна во сиот тој процес, сега и во догледна иднина, рече Ковачески, притоа посочувајќи на темите на дискусиите посветени на иновациите во работењето на термоелектраните, како истите да бидат поефикасни и поодговорни кон околината.
СИГРЕ е интернационална водечка техничка асоцијација во областа на електроенергетиката. Нејзината основна мисија е да овозможи размена на информации и знаења меѓу инженерите и експертите од областа на електроенергетиката и синтеза на современите инженерски практики кои се применуваат на меѓународно ниво.