Во Кочани се одржува манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“

Од:

Со традиционалното рачно зажнејување и обичаите поврзани со жетвата, денеска во Кочани официјално беше означен почетокот на прибирањето на овогодишната реколта на главната земјоделска култура во регионот – оризот.

Во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, претставници од државната и локалната власт, гости од збратимените градови и месно население, првиот сноп го зажнеа најдобрата жетварка за годинава, Билјана Митрова од селото Оризари. Со благослов и желба за богат род, оженаните количини потоа беа однесени на гумно каде пред присутните беа претставени обичаите за вршидба и прибирање на оризовата арпа.

– Оваа година, како никогаш досега, Владата од државниот буџет издвои најмногу средства за поддршка на земјоделството, при што заедно со ребалансот вкупниот износ достигна близу седум мијарди денари. Само за оризот, со овој ребаланс се обезбедени уште 50 милиони денари за дополнителна субвенција за предадени количини оризова арпа, а очекуваме до крајот на октомври овие пари да ги добијат оризопроизводителите. За оваа година висината на субвенциите за површините засеани со сертифициран семенски материјал изнесува 25 илјади денари од хектар, за разлика од лани кога беше 12 илјади денари. Годинава субвенциите по хектар засеан со несертифицирано семенски материјал се зголемени за трипати, односно од шест на осумнаесет илјади денари, а има пораст и кај откупните цени на арпата и белиот ориз. Тоа само потврдува дека парите се враќаат кон земјоделците како никогаш досега, истакна Заев.

Програмата на манифестацијата продолжи на летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ каде градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев им ги додели наградите на најдобрата жетварка, најдобриот земјоделски производител и најхуманиот граѓанин. Признанието за најуспешен земјоделец годинава му припадна на Ванчо Гицев, а за најхуман беше прогласен Тоше Илиев.

– Земјоделската традиција и производството на ориз се длабоко навлезени во културата на живеење на кочанчани, а ние се трудиме да ги задржиме и да им дадеме достојно место и значење. Одржувањето на оваа манифестација има културни, но и стопански пораки со единствен мотив да се проширува сознанието за квалитетот на кочанскиот ориз, затоа што има многу сорти, но за подобра од кочанскиот не сме слушнале, истакна градоначалникот Илијев.

Во рамки на „Деновите на кочанскиот ориз“ се одржа изложба на предмет и алати поврзани со оризопроизводството, а беа претставени и традиционалните специјалитети и храна произведени со ориз. Во културно-забавниот програма настапија десетина домашни фолклорни ансамбли, како и гости од Србија и Словенија.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Нема откуп на оризот, власта ги остави оризопроизводителите на цедило

Оризовите ниви во Кочанско половина месец оставени без вода, земјоделците протестираат

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата

Оризопроизводители протестираа во Облешево

МЗШВ: Владата ги прифати новите мерки за поддршка на пченица, јачмен и ориз

Почна исплатата на финансиската поддршка за оризопроизводителите поради последиците од пандемијата

А1он